Македонија

(ВИДЕО) Заев: Национална стратегија е за да градиме држава во која различните заедници ќе соработуваат

Во организација на Владата на Република Македонија денеска се одржа Отворен ден за Консултација за изработката на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија, кој предизвика голем интерес и на кој учествуваа повеќе од стотина претставници на граѓанските организации од целата земја.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, кој заедно со министерката за правда Рената Дескоска, зеде учество на отворениот ден со граѓанските организации за изработка на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, истакна дека различностите на нашето општество се наша предност и наше заедничко богатство, и дека од исклучителна важност е Стратегијата да биде жив инструмент за превенција од опасноста од доминација на една етноцентрична култура.

„Тоа не е моделот кон кој се стреми нашата земја. Моделот на Република Македонија започнува со почитувањето на сите заедници. Тој модел повикува да градиме држава во која различните заедници ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат“, нагласи претседателот на Владата на РМ Заев.

Премиерот Заев истакна дека треба да ги паметиме, но никогаш да не им дозволиме да се вратат на сцена политиките на поделби и предизвикување конфликти, туку толеранцијата и солидарноста во концептот „Едно општество за сите“, што е заедничка вредност за сите граѓани на Македонија.

„Дозволете ми да изразам едно многу лично чувство: Мене лично, како на Зоран Заев, едноставно ми е несфатливо како во нашата заедница ни се протнаа злосторствата од омраза. Таквите појави не ѝ доликуваат на нашата земја, на едно демократско општество и треба да направиме сè тие инциденти да бидат изложени на јавност и осудени“, потенцираше премиерот Заев, кој додаде дека треба да направиме сè што можеме за да ја запреме омразата.

Токму затоа, истакна премиерот Заев, отворениот ден за консултација за изработка на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество е добра прилика граѓаните, претставниците на заедниците и политичарите, кои меѓусебно си ги разбрале и прифатиле разликите, да се посветат на заедничките цели и да бидат носители на заедничкото Едно општество за сите.
„Процесот на консултација за изработка на Националната стратегија за едно општество го најавува духот во кој ќе се исцрта стратегијата. Низ максимално отворена и широко инклузивна постапка упатуваме покана за учество на претставници на граѓанското општество и на сите останати кои сметаат дека можат да го дадат својот драгоцен придонес во седумте тематски кластери за подготовка на стратегијата: правна рамка; образование; култура; медиуми; локалната самоуправа; младински политики; и во сферата на општествената кохезија и интеграција“, рече премиерот Заев и нагласи дека Република Македонија докажа дека има политичка и општествена волја да биде модел за успешно и функционално општество еднакво за сите.

Вклучувајќи се во дебатата, министерката за правда Рената Дескоска истакна дека целта на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија, е да го претвори идентитетот, со сите свои особености, во лост за соработка и заедништво кој потоа ќе биде во функција на заедничката определба – нашата држава да се развива согласно интересите на граѓаните.

Министерката за правда, Рената Дескоска истакна дека е потребна проактивна улога на институциите во насока на заштита на различностите – суштината на интеркултурализмот. Во таа насока, министерката подвлече дека Министерството за правда е во процес на измени и дополнувања на Кривичниот законик, каде најзначајната измена на овој законик се токму делата на омраза.
„Кривично дело на омраза е дело мотивирано со непријателски однос, пристрасност или предрасуди кон жртвата како припадник на определена социјална група. Како дело од омраза изречно предвидено со одредбите на овој Законик, се смета кривично дело против физичко или правно лице и со нив поврзани лица или имот кое е сторено во целост или делумно поради реална или претпоставена (замислена, вообразена) карактеристика или поврзаност на лицето што се однесува на раса, боја на кожа, националност, етничко потекло, религија или уверување, ментална или телесна попреченост, пол, родов идентитет, сексуална ориентација и политичко уверување“, потенцираше министерката Дескоска.

Во воведната сесија на денешниот Отворен ден за Консултација за изработката на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам свое учество имаше и Рубин Земон, советник на премиерот за развој на мултикултурното општество, кој информираше за текот и постапката на креирање на стратегијата, како и за наредните чекори што ќе бидат преземени во таа насока.

Во завршницата на денешниот настан, на кој со свои сугестии учествуваа голем број претставници на граѓанските организации, помеѓу бројните дискутанти од присутните, се разговараше за концептот на Едно општество и како тој е нов чекор во надминување на досегашните пракси на креирање на јазови помеѓу различните групи. Предлози од граѓанските организации стигнаа за самите термини и дефиниции кои би се користеле за овој концепт, а би биле за широка едукација на граѓаните. Родовите и малите не мнозински маргинализирани групи беа адресирани преку претставници на граѓански организации кои работат на соодветната тематика и воедно имаа предвидени иницијативи кои би ги вклучиле во Националната стратегија.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, се заблагодари за покажаниот нагласен интерес за учество во креирањето на стратегијата, кој го оцени како суштински бидејќи доаѓа од организации и од нивните претставници кои имаат непосредно искуство кое доаѓа од долгогодишниот контакт со животот и реалноста на нашите сограѓани од сите заедници.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток