Свет

И Хрватска ги повика своите граѓани да ја напуштат Украина

Хрватските власти препорачаа нивните граѓани да ја напуштат Украина и на тој начин да им се придружат на голем број земји, меѓу кои Македонија и Црна Гора, кои го направија тоа поради страв од можен руски напад врз земјата.

На Хрватите исто така им се препорачува да избегнуваат патување во Украина, особено долж границата со Русија и Белорусија, како и во близина на областите на Крим и Донбас, соопшти Министерството за надворешни и европски работи, пренесува Хина.

На оние кои не можат да ја напуштат Украина им се советува да бидат внимателни и да се обратат во хрватската амбасада во Киев, соопшти хрватското министерство.

Министерството за надворешни работи на Македонија, ги повика своите граѓани да не патуваат во Украина, а доколку веќе се таму, што поскоро да ја напуштат таа земја.

Вчера Министерството за надворешни работи на Црна Гора, поради непредвидливата безбедносна ситуација, ги предупреди црногорските граѓани во Украина да размислат за привремено напуштање на Украина.

Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Холандија, Данска, Летонија, Естонија, Австралија и Нов Зеланд претходно ги повикаа своите граѓани да ја напуштат Украина, а Шведска, Шпанија, Италија и Франција, Саудиска Арабија и Јордан денеска го сторија тоа, јави Хина.

На почеток