На запалениот траект во Грција, по два дена пронајден еден жив патник


Еден од патниците кои исчезнаа на траектот кој во петокот се запали во Јонското Море кај Грција е пронајден жив, јави Би-Би-Си.
Човекот бил забележан во предниот дел на бродот и контактирал со спасувачите, изјави службеник на бродот.
Да потсетиме дека единаесет лица се водат како исчезнати, додека повеќе од 270 се спасени и пренесени на островот Крф. Еурофери Олимпија под италијанско знаме се запали на пат кон италијанското пристаниште Бриндизи. Се верува дека се исчезнати сите возачи на камиони од Бугарија, Грција, Турција и Литванија, соопштија претходно грчките власти.
Еурофери Олимпија тргнал од Игуменица во Грција кон Бриндизи кога избил пожар на палубата со автомобили. Официјално во бродот се превезувале 239 патници и 51 член на екипажот, соопшти компанијата. Но, двајца авганистански државјани кои не биле регистрирани како патници на бродот, исто така, биле спасени во петокот, изјави грчката крајбрежна стража за АФП. Десетици луѓе спасени од траектот се префрлени во хотел на Крф.
Еден од нив, возачот на камион Данило Карлучи, изјави за Ројтерс: „Ја видовме смртта пред нас“.
Се верува дека возачите можеби решиле да спијат во своите возила, а не во преполните бродски кабини, велат камионџиите кои во саботата ги интервјуираше грчката државна телевизија. Возачите и роднините на исчезнатите ги критикуваа условите во Еуроферија Олимпија во интервју за грчките медиуми. Операторот на траектот рече дека 27-годишниот брод последен пат поминал безбедносна проверка во средата.
