На 26 декември, среда, со почеток во 19:30 часот, Македонската опера и балет ќе гостува во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“, а љубителите на класичната музика ќе имаат ретка можност да уживаат во Новогодишно-божиќниот гала-концерт.
На овој музички настан ќе учествуват 70 членови на Македонската Опера и Балет, од кои 53 членови на оркестарот и седуммина првенци на Македонската опера и балет во организизација на Општина Велес со поддршка на Националната Установа Центар за култура Народен Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и „Ротари клуб“ –Велес.
Настапуваат: Весна Гиновска Илкова, Славица Петровска Галиќ, Зоран Сотиров, Ристе Велков, Ана Ројдева Талевска, Наде Талевска и Ѓорѓи Цуцковски, за велешката публика самостојно и во дует ќе изведат арии од најпопуларните светски оперски дела меѓу кои: „Кармен“ од Жорж Бизе, „Риголето“ и „Травијата“ од Џузепе Верди, „Мадам Батерфлај“ и „Турандот“ од Џакомо Пучини, „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, „Ромео и Јулија“ од Шарл Гуно и „Хофманови приказни“ од Жак Офенбах.
Влезот е слободен.
Генералниот директор на НУ МОБ Васе Ристов, уметничката раководителка на операта Бисера Чадловска, уметничката раководителка на балетот Олга Панго и градоначалникот на општина Велес Аце коцевски веќе договориле гостување на МОБ во Велес со култната балетската претстава „Либер Танго“ од Астор Пјацола кон средината на фебруари следната година.
