Бајден: Луѓето ќе можат да се тестираат во аптека и ако се позитивни да добијат бесплатни апчиња против ковид
Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека неговата администрација покренала нова иницијатива која ќе им овозможи на Американците да се тестираат за ковид во аптеките и веднаш, доколку се позитивни, да добијат бесплатни таблети за лекување на Ковид.
„Ја започнуваме иницијативата „Тестирање за лекување“ за луѓето да можат да се тестираат во аптека и, доколку се позитивни, да добијат бесплатни антивирусни таблети на лице место“, рече Бајден за време на неговиот говор за состојбата на нацијата.
„САД порачаа повеќе од овие лекови од која било друга земја во светот“, рече Бајден, додавајќи дека Фајзер ќе им понуди на САД милион од тие таблети во март и двојно повеќе во април. Тој рече дека пилулата ја намалува веројатноста за хоспитализација за 90%.
За време на својот говор, Бајден го истакна напредокот што Америка го постигнала во борбата против коронавирусот, но предупреди дека Американците мора да се подготват за нови варијанти, пишува Ројтерс.
„Не можам да ветам дека нема да има нови варијанти. Но, можам да направам се што е во наша моќ за да бидам подготвен доколку се појави. Соединетите држави сега можат да воведат нови вакцини во рок од 100 дена, наместо неколку месеци или години“, рече тој.
Белата куќа претходно соопшти дека ја укинува одредбата дека целосно вакцинираните граѓани мора да носат маски во зградите на Белата куќа.