Свет

Грција нема да испрати ракетни системи во Украина

Грција го одби неформалното барање на Украина да ги испрати своите застарени ракетни системи ТОР-М1 и Оса-АК од советската ера.

Грција верува дека тие можеби се уште им се потребни на нејзините вооружени сили.

Одбивањето доаѓа еден ден откако грчкиот началник на Генералштабот Константинос Флорос отфрли „секаква можност за одобрување или одложување на оружјето што ја ослабува одбраната на земјата“.

Повикувајќи се на извори, весникот „Катимерини“ пишува дека неформалното барање се однесувало на ракетните системи ТОР-М1 и Оса-АК од советската ера.

Иако овие системи, кои се во сопственост на грчката армија и воздухопловни сили, ќе треба да се надградат за да останат оперативни (ТОР-М1 е купен во 2001 година, а ОСА-АК во 1992 година), трошок кој е превисок во сегашните околности, „тие продолжуваат да опслужуваат некои од потребите за воздушна одбрана на земјата“, објаснуваат изворите.

Што се однесува до разговорите за потребата на Украина од С-300, истите извори открија дека Атина сè уште нема добиено барање да испрати ниту еден од своите противвоздушни ракетни системи С-300 од руско производство, кои се наоѓаат на Крит, во Украина.

На почетокот на март Грција испрати калашникови и фрлачи во Украина, заедно со хуманитарна помош.

Повеќето Грци мислат дека испраќањето било грешка.

На почеток