Свет

ЕУ и САД треба да разговараат за слободна трговија, особено сега, вели германски министер

Европската унија и САД треба да ги рестартираат преговорите за слободна трговија кои беа прекинати од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, изјави германскиот министер за финансии за Handelsblatt.

Трамп ги прекина преговорите за таканареченото Трансатлантско трговско и инвестициско партнерство (TTIP) и започна серија трговски спорови со ЕУ, потсетува Ројтерс.

„Треба да ги продолжиме преговорите за трансатлантскиот договор за слободна трговија. Особено сега, за време на (украинската) криза, станува јасно колку е важна слободната трговија со партнери од целиот свет кои ги споделуваат нашите вредности“, рече министерот Линднер.

Европската поддршка за такви преговори не е недвосмислена, истакнува Ројтерс. Така, некои функционери изминатите години зборуваа за продолжување на разговорите, а некои беа повнимателни. Германското Министерство за финансии не одговори веднаш на барањата да го коментира интервјуто на министерот.

Амбасадата на САД во Берлин не одговори директно на предлогот на Линднер, велејќи дека постојниот американско-европски совет за трговија и технологија се грижи трговските и технолошките политики да го поддржат растот на широка основа.

„Сегашната криза покажува дека партнерството меѓу САД и Германија и ЕУ е апсолутно неопходно“, додаваат тие.

На почеток