Македонија

Влада: Просечната нето плата во јануари порасна на 29.980 денари

Континуирано расте, просечната месечна нето-плата. Согласно најновите податоци на Државниот завод за статистика во јануари 2022 година исплатената нето-плата по вработен, изнесува 29.980 денари. Во споредба со просечната нето-плата за месец јануари 2021 година, зголемувањето е за 1.708 денари или за 6%.

Согласно статистика, зголемувањето се должи пред сѐ на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (13.9 %), Други услужни дејности (13.8 %) и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (11.0 %).

Податоците на Државниот завод за статистика го потврдуваат трендот на раст на платите кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата.

Доколку последниот податок го споредиме со јануари 2017 година кога просечната плата била 22.750 денари, разликата е 7.230 денари.

Владата продолжува со засилена динамика, да носи мерки во интерес на граѓаните. Минималната плата е зголемена на 18.000 денари, а пензиите доживеаја историски највисок раст. Со новите методологии кои Владата ги утврди и за платите и за пензиите, тие ќе продолжат континуирано да растат.

Дополнително, согласно статистика, невработеноста во четвртото тримесечје од 2021 година е на најниско ниво во независната економска историја и изнесува 15,2%.

На почеток