Русија достави список на американски дипломати прогласени за персона нон грата
Амбасадата на САД во Москва добила список на дипломати кои биле прогласени за персона нон грата, соопшти Стејт департментот.
Ова уследи по потегот опишан во руските медиуми како одговор на американското протерување на рускиот персонал од Обединетите нации.
Вашингтон минатиот месец протера 12 руски дипломати во ОН во Њујорк поради безбедносни причини, а подоцна беше објавено дека уште еден руски државјанин ќе биде протеран од ОН бидејќи се тврдеше дека е шпион, потсетува Ројтерс.
Русија, која ги негира обвинувањата, соопшти дека ќе протера одреден број американски дипломати како одговор на потегот на Вашингтон, пренесе агенцијата Интерфакс.
Портпаролот на Стејт департментот потврди дека американската амбасада добила список на американски дипломати кои биле прогласени за непожелни.
Ниту портпаролот, ниту агенцијата Интерфакс, не прецизираа колку луѓе се прогласени за непожелни и до кога треба да ја напуштат Русија.