Герасимовски: Ќе отвориме дневни центри за престој на лицата со попреченост


Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски на социјалните мрежи објави дека ќе биде изработен регистар за лица со аутизам и посебни потреби и ќе бидат отворени дневни центри за престој на овие лица, со цел поголема социјализација, но и работа на различни активности кои ќе им го исполнат секојдневието.
„Поинакви, но не и помалку вредни.
Децата и возрасните лица со аутизам и секоја друга попреченост имаат потреба од квалитетни услуги и поголема грижа. Ребека Јанковска Ристески, застапник на лицата со попреченост и борец за правата на децата со попреченост и ретки болести ме запозна со најголемите потреби на децата и возрасните. Токму затоа во Општина Центар ќе биде изработен регистар за лица со аутизам и посебни потреби по кој ќе се водиме при следните наши активности но и ќе бидат отворени дневни центри за престој на лицата со попреченост за поголема социјализација но и работа на различни активности кои ќе им го исполнат секојдневието.
Дополнително по барање на родителите ја продолжуваме и програмата за финансиска поддршка на личните асистенти на ученици со посебни образовни потреби и во месеците јуни и јули.
Заедно создаваме подобро и похумано општество“, објави Герасимовски.
