Свет

Украина официјално забрани секаков увоз од Русија

Украина официјално го забрани целиот увоз од Русија, еден од нејзините клучни трговски партнери пред војната, со годишен увоз во вредност од околу 6 милијарди долари, и ги повика другите земји да го следат примерот и да воведат построги економски санкции кон Москва.

„Денеска официјално објавивме целосен прекин на трговијата со стоки со земјата агресор. Отсега производите на Руската Федерација нема да можат да се увезуваат на територијата на нашата земја“, напиша министерката за економија Јулија Свириденко на Фејсбук.

Од 24 февруари и почетокот на руската инвазија на Украина, размена на стоки и услуги меѓу двете соседни земји практично не постоеше, но потегот од саботата вклучува законска забрана за увоз од Русија, пишува Ројтерс.

„Буџетот на непријателот нема да ги добие нашите средства, што ќе го намали неговиот потенцијал за финансирање на војната“, рече Свириденко.

Тој, исто така, смета дека таквиот чекор може да послужи како пример за западните партнери на Украина и да ги охрабри да ги заострат санкциите против Русија, вклучително и ембарго за увоз на руска енергија и изолација на сите руски банки.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано го повикува Западот да ја бојкотира руската нафта и другите енергетски извори, како и да го прекине извозот во Русија.

Западот досега воведе голем број ограничувања на Русија кои ја изолираа Москва на ниво кое досега не го доживеала толку голема економија, а британскиот премиер Борис Џонсон во саботата во Киев најави дека ќе следат нови санкции, пишува Ројтерс.

На почеток