Македонија

Битиќи: Ќе ги поддржиме сите компании кои своите вредносни ланци ќе ги развиваат во нашата земја

Заменик-претседателот на владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска беше во посета на компанијата „Костал“ во Охрид на која оствари средба со менаџментот на компанијата, Главниот оперативен директор и член на УО на „Костал“, Хансјорг Херман, Кристијан Клеин извршен потпретседател и Генералниот директор на „Костал“ Македонија, Виктор Мизо.

„Последниот пат бев тука минатата година и зборувавме за текот на реализацијата на вториот инвестициски проект на „Костал“, поддржан со државна помош, кој започна во 2019 година. А првиот веќе го имаа и затворено.

За денеска веќе да зборуваме за нов голем проект кој го започнуваат „Костал“. А тоа е производството на полначи за електрични и хибридни возила. Ова е производство со висока додадена вредност, што е исклучително важно за развојот за нашата економија. Секако дека веќе зборуваме и за потпишување на нов договор за државна поддршка и на овој нов голем значаен проект, во вредност од 25 милиони евра, со нови 200 вработувања, а со кој е планирано производството на овие полначи за електрични и хибридни возила да започне во 2024 година“, изјави Битиќи.

Додавајќи дека ова е доказ дека политиките на оваа Влада, за поддршка на инвестиции кои се дел од вредносниот ланец на индустрии со високо софистицирана технологија, функционираат. И не само тоа, туку и дека се правилен и навремен одговор на глобалната криза во која прекините во вредносните ланци од далечниот исток предизвикаа дополнителен притисок на економиите.

„Ние ќе ги поддржиме сите компании кои своите вредносни ланци ќе ги развиваат во нашата земја. Ова е одговорот на глобалната криза и ние сме на правиот пат иако сум свесен дека во моментов е тешко и можеби не можеме јасно да го видиме излезот, но излез има, само доколку делуваме партнерски и солидарно, и секако доколку паметно ги планираме и спроведуваме следните чекори“, кажа вицепремиерот.

Доброто работење на компании како „Костал“, кои својата доверба за развој ја даваат токму на нашата земја, и ги шират своите операции и вредносни ланци, тука, се исклучително важни и во Владата имаат партнер кој ги поддржува.

Во моментов во „Костал“ работат над 950 високо квалификувани вработени, со просечна бруто плата од 850 евра.

За крај, вицепремиерот Битиќи кажа „градиме поволен и предвидлив деловен амбиент за нови инвестиции, токму затоа сериозните инвеститори кои веќе го вложиле капиталот во земјава, размислуваат и за инвестиции во други индустрии и други локации во земјава, како што тоа го прави „Костал““.

На почеток