Македонија

Средба Ковачевски – Ауреску: Се покажа важноста на членството во НАТО, сега е моментот за исчекор на Северна Македонија кон ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Богдан Ауреску, министер за надворешни работи на Романија.

На состанокот, од романскиот премиер Николае Чука се пренесени поздрав и покана за официјална посета на премиерот Ковачевски на Букурешт, како и силна поддршка за евроинтеграциите на нашата држава.

Оценето е дека сега e моментот за исчекор на Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес со најава дека Романија продолжува да се заложува за решение на овој пат.

На средбата е разговарано за повеќе актуелни прашања, како и за унапредување на билатералните односи.

Заеднички е потенцирана важноста на членството во НАТО и на Северна Македонија и на Романија, што ја истакна војната во Украина, како една од најзначајните одлуки што ја донеле двете држави за безбедноста и стабилноста во земјите, но и во регионот.

Разговарано е и за потребната солидарност и меѓусебна поддршка во надминување на предизвиците од војната во Украина меѓу државите во регионот, како и во рамките на НАТО и ЕУ.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големата и пријателска поддршка од Романија за европските интеграции на нашата држава и упати возвратна покана до премиерот Чука за посета на Северна Македонија.

Тој соопшти дека со бугарскиот премиер Петков имаат принципиелни односи и дека Република Северна Македонија останува посветена на развој на добрососедските односи и на достоинствени решенија за отворените прашања, за двете страни.

Во однос на руската агресија во Украина, премиерот Ковачевски посочи на позициите на нашата држава коишто се поставени стопроцентно на линија на политиките на Европската Унија.

Што се однесува до билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Романија, оценето е дека се одвива добро, дека трговијата бележи раст и е заеднички изразена определбата за развој на односите по важни прашања за граѓаните и за двете држави.

На почеток