Свет

Во базиликата во Ерусалим се одржа Велигденската миса

Христијани од целиот свет дојдоа на велигденската миса во ерусалимската базилика на Светиот гроб, која се смета за најсвето место во христијанството. Ерусалимскиот архиепископ Пјербатиста Пицабала ја предводеше велигденската миса во неделата наутро.

Но, прославата на Велигден на местото каде што, според христијанското верување, Исус умрел и воскреснал, била засенета од судирите меѓу Палестинците и израелските безбедносни сили на блиската планина на храмот, која е света и за Евреите и за муслиманите.

За прв пат по три години, туристите и аџиите можеа да влезат во областа за Велигден, откако Израел ги затвори своите граници за посетителите од странство поради пандемијата на коронавирус.

Министерството за туризам очекуваше 30.000 странски туристи само оваа недела бидејќи и Евреите го слават празникот Пасха, а муслиманите го слават месецот Рамазан, во кој постат.

Во својата велигденска проповед, Пизабала ги потсети верниците на „сите ситуации на смрт што не опкружуваат“.

„Да размислиме за ужасните услови во кои се наоѓаат многу луѓе во светот денес, во Светата земја, Украина, Јемен, во некои земји во Африка и Азија“, рече тој.

Тој потсети и на луѓето кои ги загубија животите за време на пандемијата на коронавирус.

Воскресението значи „најава за нова радост“ која „мора да допре до сите денес, секаде во светот, во секој агол на Земјата. Да не дозволиме смртта и нејзините поданици да не исплашат“, рече Пизабала.

Христијаните се малцинство во Израел и сочинуваат само два отсто од населението од 9,4 милиони.

На почеток