Свет

Ако Финска и Шведска влезат во НАТО, на светот му се заканува нова студена војна, вели Гертнер

Австрискиот политиколог Хајнц Гертнер предупредува дека во случај Финска и Шведска да влезат во НАТО, на светот му се заканува нова студена војна, а во најлош случај, вели тој, нуклеарна војна. Во авторски текст објавен во весникот „Винер цајтунг“, Гертнер посочи дека членството на Финска и Шведска во НАТО ќе го уништи комплицираниот однос на силите во Европа.

Тензиите на руско-финската граница нема да бидат намалени, туку зголемени, рече тој, додавајќи дека не може да се исклучи нуклеарна војна. „Ние сме во пресрет на новата Студена војна“, рече Гертнер, истакнувајќи дека новата челична завеса ќе се протега по руско-финската граница.

Според него, Финска како членка на НАТО би била изложена на заканата од Русија, а руската армија и ракети би биле стационирани во близина на нејзината граница, на што НАТО соодветно би реагирал. Тој потсети и дека договорот за забрана за нуклеарни ракети со среден дострел е раскинат во 2019 година, што ќе доведе до тоа новите цели да бидат Хелсинки и Санкт Петербург, јави Танјуг.

Гертнер смета дека би било можно да се премести американското нуклеарно оружје во Финска, а поради краткото време на летот тие ракети секогаш би биле во највисока подготвеност, што го зголемува ризикот од лажни тревоги. Тој изјави дека шведската армија тогаш ќе биде во директен контакт со една голема сила, а нордиската рамнотежа повеќе нема да постои.

„Членството на Финска и Шведска во НАТО може да биде застрашувачко, но во случај на конфликт, тој би ескалирал, особено преку обврската да се обезбеди помош за сите членки на алијансата. Цела Европа би била погодена, сите би биле страни во војната. „Долгата финско-руска граница може во најлош случај да предизвика нуклеарна војна“, предупреди Гертнер.

На почеток