Тина од ЗОО Скопје: Жирафите обожаваат да јадат кромид и лук, ама здивот секогаш им мириса на ментол
Скопската зоолошка последниве години стана толку популарна што понекогаш за викенд доаѓаат и по десет илјади посетители. За животните од скопската ЗОО одамна пишуваат и светските медиуми, особено најпрестижните, кои објавија слики од беби-бумот кога за кратко време тука се родија 50-ина животни.
Тина Мицковска четири години е пиар на Зоолошката. До неодамна не ни помислувала дека еден ден таа прва ќе ги споделува сите новости во јавноста. Неодамна тоа беа фотографиите од трите бели лавчиња што се родија во Зоолошката во Скопје по 20 години.
„Реткост е да се родат бели лавови во зоолошка. Тие се загрозен вид, ловците на трофеи ги убиваат и мислам дека во природата слободно шетаат уште 13“, рече Тина за „Репортер“ и откри дека бебињата набргу ќе бидат пуштени во живеалиштето за да може да ги видат и посетителите.
Додека се шетавме низ Зоолошката, Тина сподели приказни за животните. Вели дека кај лемурите владее матријархатот, а од нив луѓето ја научиле медитацијата и онаа типична поза да седат со рацете во скут. Ни откри и дека жирафите обожаваат да јадат кромид и лук, ама здивот секогаш им мириса на ментол. Често оди во нивното живеалиште, а некогаш само ги гледа преку оградата и им се восхитува.
„Кога почина Тогобо, не можевме со месеци да се смириме ни ние вработените ни Каспер и Флопи. Каспер цело време излегуваше од живеалиштето и го бараше Тогобо. Јас мислам дека три месеци немав сила да дојдам тука од што ми беше тешко. Затоа и следната тетоважа ќе ми биде токму тој“, раскажува таа со многу емоции за жирафата што пцовиса пред една и пол година.
Животните ѝ се секојдневие, но покрај љубовта кон нив, тука е и музиката. Малкумина знаат дека Тина со години е диџеј. Обожава Евровизија и секоја година пушта музика на евровизиската журка во Скопје.
„Забавата беше минатиот викенд. Ја испративме Андреа, слушавме евровизиски хитови, дојдоа многу фанови на Евросонг“, ни кажа Тина, која беше член на евровизиското жири во 2019 година кога Тамара ја пееше Proud.
„Неверојатно беше чувството кога почнаа да се нижат дванаесетките и жал ми е што Белорусија погрешно ги прочита гласовите, па дури потоа дознавме дека Македонија била прва од жирито“, вели Тина.
За тоа како реагираат животните кога има земјотрес, зошто луѓето ги оставаат своите миленици во Зоолошката, колку се популарни пингвините и зошто негувателите не ги викаат веќе по имињата од филмот „Мадагаскар“, има интересни муабети. Но, и за родителите што прават проблеми повеќе од децата, за бездомните кучиња што ги чува пред зграда со сите соседи и како е кога некој ќе фрли отров, но и колку често луѓето ѝ бараат помош за своите миленици… Гледајте го интервјуто.