Концерт на „Танец“ во Центарот за култура во Тетово


Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ денеска (9 јуни) во 20 часот ќе одржи концерт во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.
– „Танец низ татковината“ e циклус целовечерни концерти на Ансамблот „Танец“ во кои се изведува атрактивна игроорна и вокално-инструментална програма од различни региони на земјава, на кои се создавало македонското фолклорно богатство. Постојаниот контакт со домашната публика има клучна улога за континуитетот и опстанокот на македонската музичко-сценска фолклорна традиција и е од исто толкаво значење како и претставувањето надвор од границите на земјава. Главната цел на овие концерти на „Танец“ е доближување на македонското народно творештво до нова и поширока публика – информираат од „Танец“.
По успешните мартовски концерти во центрите за култура во Делчево, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип и во Кичево, „Танец“ ќе настапи во Тетово со комплетна изведувачка формација од педесетина уметници, составена од игроорниот кор, хорот и оркестарот. На концертот ќе биде изведена програма која вклучува кореографски постановки и повеќе инструментални и вокално-инструментални мелодии од богатата македонска фолклорна ризница.
