Тензично во Карпош, се гласале вработувања и ДУП-ови
Жешка седница во Советот на Општина Карпош. 10тата седница мина во тензија, со долг почеток, велат Независни за Карпош.
„Најпрво Независни забележаа на изостанатото пренесување во живо на седниците (кое во случајов ќе дадеше и вистинска слика што се случуваше на седницата), како и недостаток на информации од општината (точка на дневен ред за нови вработувања во општината а без одговор на побарана информација за постоечки вработувања по договор за авторски права и на определено време)
Потоа следеше барање од страна на советниците од ВМРО-ДПМНЕ за отстранување на точката од дневен ред:
Предлог-Одлука за утврдување на Нацрт Детален урбанистички план за Градска четврт ССЗ 01, Блок 6, Општина Карпош – Скопје
Барањето се стави на гласање и не беше усвоено.
По тоа барање следеше координација на советничката група на ГРОМ, а потоа излагање на Градоначалникот во кое објави раскинување на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ на ниво на општина Карпош.
Следеше и координација на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ по која започна седницата.
Независни гласаа воздржано за усвојување на записниците од претходните седници, зошто сметаме дека без пренесување во живо на седницата, беспредметно е усвојување на записници за кои немаме увид во реално време дали се точни.
По однос на точките од дневен ред:
Имаше две иницијативи за измена и дополнување на програмата за екологија и ефикасност.
-Првата поднесена од страна на советниците на Левица која се однесуваше на намалување и стандардизирање на автомобилите во сопственост на општината и воспитните установи, за која се заклучи дека ќе се пренесе како обврска во друг сектор ( сектор за поддршка на Градоначалникот)
-Втората иницијатива беше со финансиски импликации, да се одвојат средства за имплементирање на проект на ниво на државата за воведување на апликација со нови мерачи на воздух (беше образложено во рамките на комисиите дека истите ќе бидат мобилни и со широк дијапазон намерни вредности) и истата беше прифатена. Средставата кои ќе ги издвои општината се 618.000 денари.
-Се прифати едногласно и предлог-иницијатива од советниците на Левица за разгледување на правните можности за носење одлука за ослободување од партиципација за храна и престој на децата во градинките на општината.
-Во однос на нацрт планот за градска четврт ССЗ 01 блок 6, истиот не беше прифатен.
-Како една од точките кои секако привлекуваат поголемо внимание на граѓаните е и точката за нови вработувања во општината, која беше изгласана, и за која секако бевме против поради недостаток на точни информации за севкупниот број на вработени и релната потреба од истите.
Се изгласаа 16 нови вработувања во општината.
‼️ВО МОМЕНТОВ ВО ОПШТИНА КАРПОШ СЕ УШТЕ НЕМА ЛИЦЕНЦИРАН ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОР КОЈ БИ ГО СЛЕДЕЛ ПРОБЛЕМОТ СО ПРЕКРШУВАЊАТА НА ЗАКОНИТЕ ЗА ГРАДБА, НИТУ ИМА СОРАБОТКА СО ДРУГА ОПШТИНА ЗА ТАКВО НЕШТО.
-Освен точките за финансиска помош на здружението Денсерс Јунајтед и награди за најдобро уреден еко-училишен двор-катче, останатите беа од техничка природа и гласањето помина без расправа.
-Како последна се постави точка за советнички прашања на која Независни поставија две и чекаме на одговор од општинските служби:
1. Дали и кога се планира склучување на договор со добавувач на електрична енергија?
2.Кои се насоките на општината во случај на советник со судир на интереси установени од ДКСК?
И како за крај, советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои најавија иницијатива за бришење на маркицата за 28катница (или суспендирање на ДУПот) не предложија, ниту покренаа било каква дискусија на таа тема“, се вели во објавата.