Ковачевски ја проследи Патријаршката и Синодална Света Литургија каде на македонски јазик ги прочита Симболот на верата и молитвата „Оче наш”
Премиерот Димитар Ковачевски и делегацијата на Владата на Република Северна Македонија денеска во Соборниот храм „Св. Георгиј Победоносец“ во седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул, присуствуваа на литургијата што заеднички ја сослужуваа поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан и Неговата Сесветост Архиепископот на Константинопол, Новиот Рим и Вселенски патријарх Вартоломеј, Патријарх на Вселенската Патријаршија.
Со оваа заедничка богослужба, како еден од чиновите со кој се потврдува приемот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во литургиско единство со сите православни цркви, се потврдува и одлуката на Вселенскиот Патријарх и на Светиот патријаршиски синод на Вселенската патријаршија од 9 мај за отстранување на шизмата и за воспоставување на канонски статус на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
За време на литургијата на премиерот Ковачевски му беше укажана чест да ги прочита Симболот на верата и молитвата „Оче наш” на македонски јазик, коишто се составен дел богослужбата во православните храмови.
Во беседата што ја одржа на крајот на Синодалната и Патријаршиската литургија, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, се обрати кон граѓаните од нашата земја и кон делегацијата на Владата на Северна Македонија, предводена од премиерот Ковачевски, и ја нагласи големината на дарот за верниот народ на празникот Педесетница со кој црквата во нашата земја станува еднаква со сите други во православниот свет.
На денешната заедничка литургија, му претходеше предавањето на Патријаршискиот и Синодален акт за прием на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви.
Одлуката на патријархот Вартоломеј и на Вселенската патријаршија е историски настан со кој конечно се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква.