Русија: Гранатиран руски град на границата со Украина, четири лица се повредени
Четири лица се повредени денеска при гранатирање на руски град во областа Брјанск на границата со Украина, изјави регионалниот гувернер. Инцидентот се случил во градот Клинци, на околу 50 километри од украинската граница.
„Според прелиминарните информации, неколку куќи се оштетени, а четири лица се повредени“, напиша гувернерот Александар Богомаз на Телеграм.
Жителите на градот објавија на социјалните мрежи снимка од руски воен хеликоптер кој лета над градот по гранатирањето и објавија дека е прекинато снабдувањето со вода и електрична енергија.
Официјални лица во руските региони кои граничат со Украина пријавија случаи на прекугранично гранатирање во последните недели, кои оштетија станбени згради и повредија неколку луѓе.