Скопје

Ќе се гради градинка во населба Пролет

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во денешното гостување на утринската емисија „Ја сакам Македонија“ на ТВ Сител, ги презентираше тековните општински активности, но и плановите за работа во претстојниот период.

Герасимовски, покрај останатите проекти, ја спомена и новата градинка која ќе се гради во населбата Пролет, која воедно ќе биде и прва детска градинка во ова населено место.

„Градинката во Пролет ќе биде една убава, модерна градинка, на површина од 3270 метри квадратни, каде што ќе можат да се сместат околу 150 наши дечиња од Општина Центар. Една од помодерните градинки во државата, нешто слично како основното училиште ‘Киро Глигоров’, отворено пред неколку години“, рече Герасимовски во гостувањето.

Градинката ќе биде изградена на вкупна површина од 3276 метри квадратни, на приземје и два ката. Капацитетот на градинката предвидува згрижување на 150 деца, распоредени во 9 занимални и 2 јасли. Предвидено е во состав на објектот да има урбана градина со сандаци со песок и земја и детски реквизити (лизгалки, лулашки и мостови). Надворешното игралиште ќе биде инклузивно и до него ќе можат да пристапат и деца со попреченост во движењето. На надворешниот дел од фасадата предвидено е фасадно поставување на детска болдер карпа, а концептот на градинката е да се обезебди простор во кој акцентот пред сѐ, се става во функција на децата и обезбедување на удобен простор за ран развој и нивна игра.

Градинката ќе има и сопствена кујна, која ќе биде изведена по HACCP стандарди, ќе има енергетска ефикасна фасада, греењето ќе биде еколошко – дел на парно, а дел на топлински пумпи. Со изведбата на овој објект, кој ќе биде во рамки на надлежност на ЈУДГ „Раде Јовчевски Корчагин“, сите детски градинки во Општина Центар ќе имаат по 4 објекти.

Градежните работи се предвидени да започнат во текот на месецот, а рокот за изведба е 18 месеци. Изградбата на новата градинка ќе чини 154.243.997 денари, средства обезбедни од Буџетот на Општина Центар.

На почеток