ЕУ треба да одговори на прашањето „Каде оди Европа денес?“, вели Џафери


Ви благодарам на можноста да на овој Форум бидам еден од говорниците како претседател на Собранието. Ги поздравувам сите учесници во мое лично име и во име на пратениците, нормално како поранешно воено лице кое ги доживеало физички и практички дисолуцијата и распадот на СФРЈ, и како лице кое практично ги видел и ужасите на војната во Косово, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери на Преспа Форум за Дијалог 2022.
„Секако, за жал нашата 2001-ва тука е исто така индикатор дека сите не вразуми и верувам дека се вразумивме и без дилема, на покана на мојот хомолог да се направи посета, без двоумење, беше потребно директно на лице место да се информирам за тоа за кое нашето Собрание претходно усвои Декларација за поддршка и осуда, фактички за поддршка на Украина, на украинскиот народ и институции, и за осуда на неоправданата агресија на Руската Федерација врз Украина.
Заради фактот што сите ние сме носители на одлуки треба да бидеме директно информирани со последиците на тоа што е денеска војната во Украина, заради фактот што директното непознавање на тоа што е ефектот на една вооружена војна резултираше со тоа што на Западен Балкан војните да се завршат без осуда и без дефинирање на направените злосторства како последица на војната. И, несомнено, и во мое лично име и во име на институцијата, и во име на граѓаните на Северна Македонија, беше безрезервната поддршка на украинските институции, на народот на Украина, дефинирајќи ги јасно последиците кои имавме прилика директно да ги видиме на лице место и дека не е ништо друго освен еден класичен геноцид кој се случува пред очите наЕвропа и пред светот воопшто.
Историскиот контекст на сличностите. Периодот по Втората светска војна се заокружува со усвојување на три меѓународни договори, и тоа Јалта, Техеран и Потсдам, што во геополитичката слика во тоа време, направи еден џеб со поранешната СФРЈ, како неутрална зона која требаше да биде линијата на разграничување помеѓу истокот и западот.
Војната во Украина и личи на таа историска тенденција, со одбивањето на Русија за граничното приближување на Западна Европа и непостоењето на истата гранична линија со Русија и тенденција е Западен Балкан да биде тој вакуум кој ќе го дели истокот и западот. Ние како држава која од 1991 навака, помеѓу распадот на Југославија и нашето отцепување оттаму, во Собранието усвоивме резолуција за определба на нашите стратешки цели и определби за зачленување во НАТО и ЕУ и на постојан начин работела овие цели и стремежи да се остварат. Поради таа причина, Собранието, Владата, граѓаните, со поддршка од над 80% прифатија да се промени името на државата за да може да исполниме еден од условите за да бидеме членка на НАТО, иако другите услови беа претходно исполнети.
Нашето патешествие кон ЕУ започна во 2004 година со поднесувањето на барањето и на прашалникот, 2005 со добивање на кандидатскиот статус и во однос на НАТО сме во слична седумнаесетгодишна маратонска постапка и трка за да се исполнат услови, што за наша среќа, сите извештаи од 2019 досега, дури и порано од Комисијата на ЕУ се дека Северна Македонија ги исполнила сите услови за да биде дел од Унијата и за отворање на преговорите, за жал, поради билатерални историски причини, историја која не можеме да ја промениме, таа е фактографија која се случила и нема како да се промени. Поради таа причина, мислам дека сите ние, посебно ЕУ треба да одговори на прашањето „Каде оди Европа денес?“, односно “Quo vadis Europa hodie?”, поради фактот дека не треба да се дозволи билатералните прашања да бидат предуслов и пречка за отворање на преговорите и за исполнување на европските определби за да бидеме полноправна членка. И така, во срцето на Европа, во Германија и Франција, пет години по Втората светска војна си подадоа меѓу себе рака на помирување за да градат Европа на мирот, сигурноста и геополитиката, мислам дека е време истото да се случи и во 2022 година, на следната конференција на ЕУ на 23 јуни, која што ја очекуваме и ние“, вели Џафери.
