Ковачевски: До сега нема предлог со услови за почеток на преговорите со ЕУ
„Ние немаме добиено предлог за деблокирање на проширувањето на ЕУ кое вклучува решенија што произлегуваат од нашите разговори со Бугарија којшто е усогласен со сите земји членки на ЕУ“, истакна премиерот Ковачевски како одговор на новинарско прашање.
Ковачевски посочи дека во разговорите со Бугарија зазеде став и пристап за изнаоѓање на достоинствено решение коешто ќе се базира на европските вредности и како владејачка коалиција во ниту еден момент овој процес не бил политизиран и инструментализиран за дневно политичка употреба и добивање на еднократни политички поени.
Во однос на отпочнување или неотпочнувањето на преговори, Ковачевски потенцираше дека не треба да се врзуваме за датуми бидејќи изнаоѓање на решение најмалку зависи од нас во овој момент затоа што Северна Македонија има четири последователни позитивни извештаи од ЕУ и 45% усогласеност на нашето законодавство со ЕУ, и во одреден број на поглавја имаме поголема усогласеност од земји кои веќе ги имаат отпочнато преговорите со ЕУ.
„Ние нема да се откажеме со оглед на тоа што ЕУ е стратешка цел на нашата држава исто како што стратешка цел беше зачленувањето во НАТО која ја остваривме. Ние сме комплетно подготвени за процесот на преговори и сега зависи од согласноста на сите земји членки тој процес да отпочне, а разговорите со Бугарија можат да продолжат врз основа на европски вредности и врз основа на одредбите од договорите со кои е формирана ЕУ“, рече Ковачевски.