До ветераните од Сребреница: „Денес се извинувам…“
Премиерот на Холандија, Марк Руте, им се обрати на стотиците ветерани на мировната единица Дачбат 3, која служеше за време на мисијата на ОН во Сребреница за време на војната во БиХ.
Тој им се извини во име на холандската влада.
Во воената база во централна Холандија, Руте им рекол на ветераните на Дачбат 3 дека и по речиси 27 години „некои зборови сè уште не се кажани“, пренесе АП.
„Денес, во име на холандската влада им се извинувам на сите жени и мажи од Дачбат 3. Имам најголема почит за начинот на кој Дачбат 3, под тешки околности, се обиде да направи добро, дури и кога тоа веќе не беше можно“, рече Руте.
Американската агенција во извештајот наведува дека холандската влада на овој начин официјално им се извинила на војниците кои биле испратени со недостиг на жива сила и соодветно оружје, како мировници на Обединетите нации, како што се наведува, „за одбрана на Сребреница и зачувување на мирот“.
АП наведува дека војниците, кои сега се ветерани, потоа биле „прегазени“ од тешко вооружените босански Срби на чело со Ратко Младиќ.