Јакимовски им порача на жителите од Тафталиџе да не протестираат оти е топло


Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски денес по втор пати ги посети граѓаните од Тафталиџе кои веќе неколку дена го блокираат булеварот Теодосиј Гологанов.
„Денеска по втор пат ги посетив граѓаните од Тафталиџе кои веќе неколку дена го блокираат булеварот Теодосиј Гологанов во знак на револт што не се носи урбанистичкиот план кој се однесува нa нивното место на живеење.
Имајќи ги предвид високите температури и со оглед на фактот дека поголем дел од граѓаните кои протестираат се возрасни лица, за да не си го загрозуваат сопственото здравје ги замолив да го прекинат протестот и повеќе да не ја блокираат улицата, со ветување дека службите веќе го подготвуваат и ќе биде пуштен на јавна анкета урбанистичкиот план за тој дел од општината.
На јавната анкета граѓаните ќе можат да си го дадат своето мислење и да ги искажат своите забелешки.
Истовремено во наредниот период ќе се заложам нивниот ДУП да го изнесам пред советниците и да биде позитивно решен“, вели Јакимовски
