Македонија

МВР апелира граѓаните да внимаваат, мало невнимание може да предизвика пожар

По настапувањето на последните, значително повисоки температури и најавите дека во наредните денови тие уште повеќе ќе се зголемат, во голема мерка се зголемија и потенцијалните опасности за избувнување пожари, особено поради фактот дека има забележителна раздвиженост на нивите, но и во шумите. .

„Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да бидат внимателни ако се движат или работат во поле и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња.

Покрај ова, на оние кои ќе престојуваат на излетничките места, им се укажува да се воздржат од палење огнови, кои брзо можат да пламнат и да се прошират наоколу, а со тоа да предизвикаат и материјални и други последици од несогледливи размери. Исто така, на отворен простор да не се оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да причинат пожар. Доколку не се придржуваат на овие апели и препораки граѓаните ќе се соочат со ригорозни законски санкции, односно со пријави и можни затворски казни од 6 месеци до 8 години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици. Министерството за внатрешни работи овој месец засилено презема координирани превентивни и други мерки со советодавните групи на граѓани, месните и урбаните заедници, навреме да се пресретнат можните причини за пожари, а во координација со други институции и служби ќе бидат засилени и планираните контролни активности“, се вели во соопштението.

На почеток