Магазин

Статуафест – Танго на улица – Уличен уметнички фестивал за живи статуи

Oд 23 до 25 јуни 2022 година со почеток во 18:30 часот, на Сквер Јадран во Скопје, ќе се одржи шестото издание на Статуафест – Другото лице на улицата – Танго на улица. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на РСМ, а спонзори се Винарска визба Тиквеш, Пакомак и МДН обезбедување, дополнително помагач е Театар за деца и младинци.

Статуафест – Другото лице на улицата „Танго на улица“, како и секоја претходна година концептуално раскажува приказни. Оваа година ќе раскажува за претворањето на Скопје во една мала, но сепак – огромна уличка сместена некаде во некој раздвижен простор во длабочините на духот на аргентинското танго, тежнеејќи да ги видиме и запознаеме оние страсни скопјани кои со сиот свој дух лудуваат по тангото “премачкани” во тој разигран уличен миг на евергрин. Расцупкани по асвалтот во ритамот кој бандеонот создавајќи ја музиката за танго ја возвишува до небесата сета енергија која како морница лази телото на тангото. Страст. Љубов. Движење. Вино. Порака. Допир. Еротизам без еротизам, само мирисот и вкусот на телото го создава тој сок на спојување. Бакнеж во воздухот кој патувајќи пристигнува некаде далеку на некое за голото око место невидливо каде задолжително стигнува секогаш точно навреме. – Каде е тоа место – прашал некој некогаш. – Никој сеуште го нема откриено – му одговорила тивко танго уличката – само оние што танго играат знаат каде е тоа место, а танго – со насмевка продолжила уличката – тангото го играат сите луѓе на овој свет, без исклучок. Некои го играат како танц, некои пак како воздишка го практикуваат, други воопшто не ни приметуваат дека играат танго, единствено чувствуваат без да им се јасни тие чувства. Тангото не е за двајца, и еден е доволен за ритам (читај:чувства), а може да се и тројца, четворица, може и бесконечноста да не може да ја преброи најпрецизно бројката на танго играчите насобрани на оваа планета. Создади фестивал на танго од улични живи статуи и именувај го како “Танго на улица” и самиот со очи и душа одблизу ќе видиш и почувствуваш дека ти ја зборувам вистината. А, дотогаш, ќе те чекам тука на оваа моја подлога, на моево тело каде ќе ги донесеш сите страствени танго фанатици кои ќе ме разнежнат цупкајќи по мојата душа – рече уличката. – А поезија – праша непознатиот. – Без поезија воопшто не почнувај – одговори уличката и западна во длабок сон чекајќи го денот кога тангото ќе ја разбуди.

Програма за уличниот уметнички фестивал за живи статуи СТАТУАФЕСТ – ТАНГО НА УЛИЦА

18:30 – 19:00 – настап на улични живи статуи (7 актови / 11 учесници)

Пауза на живи статуи за време на претстава

19.10 – 19.50 – улична пантомимска театарска претстава ПРОКЛЕТСТВОТО НА ВИКТОР И ВИКТОРИЈА – (2 изведувачи)

20:00 – 23:00 – настап на улични живи статуи

To Top