Свет

Австриски експерт: Спремете се за 30.000 нови случаи на ковид дневно

Речиси 11.000 новозаразени со коронавирус се регистрирани во Австрија во средата. Австриски експерт предупредува дека земјата треба да биде подготвена за 30.000.

Она што е видливо во Австрија во последните денови и недели е постојаното зголемување на бројот на новозаразени, со веќе доминантните подваријанти на коронавирус БА.4 и БА.5. Во Виена тие варијанти сочинуваат дури 70 отсто од вкупните инфекции.

Австрискиот министер за здравство Јоханес Рауч изјави за новинарите дека тоа е „очекувано“ и дека растот на бројот на нови инфекции дневно е „во насока од 10.000 и 15.000“.

Од друга страна, австриската влада се уште не презема ништо, пишува хрватскиот портал Пословни дневник и како што нагласи министерот „смета на самоодговорност“ на австриските државјани.

Познатиот австриски стручњак Петер Климек за домашната ТВ ПУЛС 24 изјави дека Австрија наскоро би можела да брои по најмалку 30.000 новозаболени дневно, веќе во јули и август, во екот на летово.

Тој исто така предупреди дека „само со маска нема да може да се надмине сето тоа“, бидејќи проценките покажаа дека сега доминантните вирусни подваријанти се уште позаразни од она што го покажаа проценките во мај.

Во моментов, 71.802 лица активно боледуваат од коронавирус во Австрија, од кои 653 се во болници, од кои 50 на интензивна нега.

На почеток