„Димитров потпишал дека Илинденското востание е ‘Илинден Преображение – востание’“, вели Османи
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вчера објави документ за кој вели дека недостасува во архивите на МНР, а всушност е Протокол кој го потпишал неговиот претходник, Никола Димитров.
Османи вели дека досега имаме потпишан само еден Протокол, овој од Димитров, во кој има неколку јасни обврски за кои само сме се обврзале, но и не сме ги реализирале.
-Првата е дека го прифаќаме бугарското гледиште кон Илинденското востание, прифаќајќи ја номенклатурата “Илинден Преображение – востание”, создавајќи со тоа рамка во која Комисијата се очекува да делува, што, пак, создава тешкотии во нивната работа, но воедно и веќе создала преседан во односите со Република Бугарија, дека историските прашања може да ги решаваме политички, наместо да ѝ ги оставиме на Комисијата. Второ, потпишувајќи го единствениот Протокол, мојот претходник ја обврзал и Комисијата, но и земјата, пред целиот свет, дека имаат краток рок до крајот на 2019 година, да најдат решение за Гоце Делчев и востанието, сега веќе и дефинирано согласно бугарската позиција како “Илинден Преображение”. Не сметам дека имал лоши намери тогаш, но нема да го премолчам неговиот обид сега да се “пенави” на нашиот обид да направиме пристоен Протокол, во кој нема да се обврземе за содржината, туку за принципите на нашата работа, претставувајќи нѐ сега нас како предавници на неговиот потпис, пишува Османи.
Тој вели дека ќе продолжат со работата без разлика колкава хистерија ќе создаде неговиот претходник.
-Ќе обезбедиме пристојно решение со Република Бугарија, но и европска иднина за земјата.
П. С. Овој документ кој сега го презентирам, во неговата физичка форма недостасува во МНР, очекувано е кој си го земал пред да си отиде и со какви намери, тврди Османи.