Македонија

Грковска ќе учествува на Регионален состанок на тема „Јавните политики во областа на конфискација на имот“, што се одржува во Виена

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска замина за Виена каде ќе учествува на Регионален состанок на тема „Јавните политики во областа на конфискација на имот“, во организација на Регионалната Канцеларија на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (UNODC).

Грковска ќе има обраќање на панел сесија, на која ќе ги презентира владините политики за зајакнување на капацитетите во однос на конфискацијата и одземање на имот, а ќе биде и модератор на панел сесијата за „Координација, имплементација и следење на политиките во регионот“.

Целта на состанокот е на регионално ниво да се дискутира за стратешките определби на земјите од регионот во однос на конфискацијата и одземање на имот. Еден дел од средбата ќе се однесува и на нормативните новини, односно ќе бидат презентирани најдобрите практики и најновите трендови на глобално ниво во оваа област.

Регионалната средба се одржува во рамките на проектот „Од недозволени финансиски текови до обнова на имотот“ во рамките на Регионалната програма на UNODC за Југоисточна Европа. Проектот има за цел да го подобри капацитетот на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, како и Косово според Резолуцијата на ОН 1244, да се повратат приходите и инструментите од криминал и да се зајакне размената на информации или докази кои водат до заплени и конфискации.

Во рамките на дводневната работна посета на Виена, вицепремиерката Грковска ќе има средба и со Данило Рици, претставник на регионалната канцеларија за југоисточна Европа на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал.

На почеток