Свет

(ВИДЕО) Демонстрантите влегоа во резиденцијата на претседателот на Шри Ланка

Неколку илјади демонстранти во главниот град на Шри Ланка, Коломбо, денеска ги пробија полициските барикади и влегоа во официјалната резиденција на претседателот.

Некои демонстранти, носејќи шлемови и знамиња од Шри Ланка, упаднаа во резиденцијата на претседателот, јавува Ројтерс, повикувајќи се на локалниот канал News First.

На директниот пренос на Фејсбук може да се забележат стотици демонстранти во ходниците и просториите на претседателската резиденција кои извикуваат слогани против Рајапакса, а пред зградата има и голем број луѓе, јавува Ројтерс.

Илјадници луѓе ги пробија полициските барикади за да стигнат до куќата на Рајапакса, при што полицијата пукаше во воздух, но не успеа да ги спречи, објави Ројтерс, повикувајќи се на неименуван сведок.

Два извори од Министерството за одбрана изјавија за британската агенција дека претседателот Готабаја Рајапакса бил отстранет од официјалните простории во петокот заради негова безбедност.

Најмалку 21 лице, меѓу кои и двајца полицајци, се повредени и хоспитализирани во тековните протести, јавува Ројтерс.

Земјата со 22 милиони жители се бори со сериозен девизен недостиг што го ограничи суштинскиот увоз на гориво, храна и лекови, втурнувајќи ја во најголемата економска криза од независноста во 1948 година.

Многумина за ова го обвинуваат претседателот Готабаја Рајапакса, а од март годинава се водат главно мирни протести.

Незадоволството се влоши во последните недели бидејќи земјата ги затвори училиштата и ја рационализираше потрошувачката на гориво, а инфлацијата достигна речиси 55 отсто во јуни, според Ројтерс.

На почеток