По страшното сведоштво се собираат докази за случувањата во средното музичко
Маја Блажевска собра храброст јавно и гласно да зборува за вистината која се крие позади ѕидовите на училиштето ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“. Таа преку својата фејсбук објава, отворено го раскажа хоророт и ужасот со кој таа и многу други ученици се соочувале, секојдневно, како ученици таму. Таа низ редовите на својата искрена исповед посака темелни промени во оваа институција, особено во односот професор-ученик. Раскажа дека не посакува никој, особено не на идните генерации деца, на само петнаесет години да слушаат навреди, пцовки и уцени од своите професори.
Под нејзината објава се огласија голем број на поранешни ученици кои сведочеа за своите искуства во училиштето, а една од нив ги повика сите оние кои имаат докази и сакаат да сведочат.
„Кој има докази (ученици, бивши ученици, родители, професори и било кој друг), аудио/видео или сака да пише изјава, значи да сведочи (на било кој начин), писмено за било кој професор, било која година или оддел/смер, а и нижо, поради: дискриминација по било кој основ, мобинг, заплашување, сексуално вознемирување/загрозување/насилство, психичко, физичко, вербално, емоционално насилство, мито, корупција, рекетирање…
Може да се поднесат и белешки од психијатри/психолози/невропсихијатри со примана терапија поврзана со Луј или документи од истите кои што ќе ви ги издаде матичен доктор/психолог/психијатар/невропсихијатар кој што е во системот за да се направи статистика за тоа колку ученици биле на седативи, антидепресиви, антипсихотици, ве молам да се пратат кај мене или кај Маја Блажевска, во инбокс. Доколку сакате сведочењето може да остане анонимно, нема да бидете споменати никаде со име и презиме, ќе ви биде сокриен идентитетот од тие документи но, не препорачувам затоа што со име и презиме има поголема тежина и единствени институции кои што ќе ја имаат вашата изјава се: Министерство за образование и наука, невладините организации и судот. Овие институции не смеат и не би требало да пренесат кои сте вие. Доколку се случи тоа секако ќе се дознае и ќе има последици за кој и да пренесувал такви информации. Доколку не ми верувате мене со истите обратете се во инбокс ќе ви објаснам каде да ги пратите/однесете. Безбедно место е секако.
Ако сакате ова да престане имате време до петок, пратете ми да направиме се што можеме. Имаме доволно сведоци и материјални докази но, колку повеќе толку подобро. До петок очекувам видео/аудио записи и сведочења. Имате од прилика три дена за да доставите информации. Доколку сакате да помогнете мора да направите нешто, жртвите се сепак малолетни лица. Нека не ве води стравот, не ви можат апсолутно ништо ни сега па ни во понатамошното школување. Кој и да проба да ве заплаши телефонски, преку социјални мрежи или на било кој друг начин (исто да напоменам, да ве тераат да бришете коментари и да се извинувате, затоа што знаеме дека почнаа да го прават тоа како и секогаш) може да го пријавите кај мене и тие особи ќе се сносат со последици затоа што повторно прават дел од горенаведеното.
Ве очекувам“, стои во ојбавата.