Свет

Ердоган во Лавов за размена на затвореници меѓу Русија и Украина

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека разговарал за размената на воени заробеници меѓу Москва и Киев на средбата со украинскиот лидер Володимир Зеленски и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш.

„Разговаравме за размена на воени заробеници и за нашите иницијативи во овој поглед, исто така би сакал да напоменам дека придаваме големо значење на ова прашање“, рече Ердоган на прес-конференција во четвртокот во Лавов, пренесе РИА Новости.

Тој исто така рече дека Турција ќе продолжи со дипломатските напори во обид да ја реши украинската криза.

„Турција ќе продолжи со дипломатските напори за мирен крај на војната во Украина. Верувам дека порано или подоцна таа ќе дојде до својот крај на преговарачката маса. И Зеленски и Гутереш се едногласни во овој поглед“, рече турскиот претседател, пренесе агенцијата ТАС. Ердоган ја повика меѓународната заедница да вложи повеќе напори за решавање на кризата во Украина, додавајќи дека Анкара е подготвена да им помогне на Русија и Украина во обновувањето на Истанбулскиот процес преговори меѓу страните во конфликтот.

„Подготвени сме да играме улога на посредник во ревитализацијата на преговорите за параметрите што беа формирани во март во Истанбул. Подготвени сме да обезбедиме сеопфатна поддршка за да се постигне оваа цел“, рече Ердоган.

Тој рече дека има намера да го информира рускиот претседател Владимир Путин за резултатите од преговорите за Украина во Лавов.

На почеток