Свет

Русија испрати порака до убиецот на Дарја Дугина: Ова е единствената шанса да остане жива

Русија има порака за Наталија Вовк, која е етикетирана како убиецот на Дарја Дугина.

Членот на главниот совет на администрацијата на регионот Запорожје, Владимир Рогов, и порача на украинската државјанка Наталија Вовк, која Федералната служба за безбедност ја идентификуваше како убиецот на новинарката Дарија Дугина, да побара азил во руската амбасада во Естонија.

„Единствената шанса Наталија Вовк да остане жива е веднаш да истрча во руската амбасада во Естонија и да побара азил. Потоа ќе се соочи со судење, а може да си го спаси животот“, напиша Рогов на својот канал Телеграм.

Според него, ако Вовк не го стори тоа, тогаш, како опасен сведок, „нејзиното раководство од СБУ или нивните англосаксонски господари“ ќе се ослободат од неа.

Дарја Дугина, ќерката на познатиот руски филозоф и аналитичар Александар Дугин, почина ноќта меѓу саботата и неделата во Москва, откако автомобилот што го возела експлодирал.

Дарја била со нејзиниот татко Александар на патриотскиот фестивал „Традиција“, кој се одржувал во селото Захарово.

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, потпиша указ за постхумно доделување Орден за храброст на руската новинарка Дарија Дугина.

„За покажаната храброст и самопожртвуваност во извршувањето на професионалната должност, Орден за храброст и го доделувам на Дарија Александровна Дугина, дописничката на „Царград медиа“ од Москва (посмртно)“, стои во текстот на указот.

Федералната служба за безбедност на Русија претходно денеска објави дека украинските специјални служби стојат зад убиството на руската новинарка Дарја Дугина.

ФСБ ја обвинува украинската државјанка Наталија Вовк, која со својата ќерка пристигна во Русија на 23 јули.

„Утврдено е дека делото го подготвиле и извршиле украинските специјалци. Сторителот е државјанката на Украина Наталија Вовк, родена 1979 година, која во Русија пристигнала на 23 јули 2022 година заедно со нејзината ќерка Софија Шабан, родена 2010 година. За да го организира убиството на Дарја Дугина и да добие информации за нејзиниот начин на живот, таа изнајмила стан во Москва во зградата во која живеела жртвата“, се наведува во извештајот.

На почеток