„Земјите од Г7 работат заедно за да ја поддржат Украина и да одговорат на кризата со храна и енергија“, вели Хајаши
Министрите за надворешни работи на Групата седум најразвиени економии (Г7) на состанокот во Њујорк ја потврдија својата подготвеност да продолжат да даваат поддршка за Украина.
Ова го изјави јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши.
Изјавата за поддршка уследи по најавата на претседателот Владимир Путин дека Русија ќе ја спроведе својата прва воена мобилизација по Втората светска војна и ќе организира референдум за анексија на делови од украинската територија, пренесува Ројтерс.
„Потврдивме дека земјите од Г7 работат заедно за да ја поддржат Украина и да одговорат на кризата со храна и енергија“, изјави Хајаши за новинарите на прес-конференција во Њујорк, каде што се одржува дебатата на светските лидери на Генералното собрание на ОН.
Како дел од дополнителните санкции против Москва, Јапонија планира да го забрани извозот во Русија на производи поврзани со хемиско оружје и да ја прошири листата на руски воени организации чиј извоз е забранет, рече Хајаши.
Тој најави и дека членките на Г7, составени од САД, Јапонија, Канада, Велика Британија, Италија, Франција и Германија, ја потврдија важноста на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец.
Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави овој месец дека американските трупи ќе го бранат Тајван во случај на кинески напад, што е негова најдиректна изјава за ова прашање, што наиде на незадоволство во Пекинг, наведува британската агенција.