Северна Кореја ги предупреди САД да не шират гласини
Северна Кореја соопшти дека никогаш не ѝ дала на Русија оружје и муниција и дека не планира да го стори тоа, предупредувајќи ги САД да „ја затворат устата“ и да не шират гласини.
„Неодамна, САД и другите непријателски земји зборуваа за кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и ширење гласини за договори за оружје меѓу Демократска Народна Република Кореја и Русија. Никогаш не сме извезувале оружје и муниција во Русија и не планираме да ги извеземе“, изјави неименуван претставник на Министерството за одбрана, пренесе агенцијата КЦНА.
Заменик-портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател изјави претходно овој месец дека Русија „е во процес на набавка на милиони ракети и артилериски гранати од Северна Кореја за употреба во Украина“.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби подоцна објасни дека станува збор за „потенцијално купување“ и дека „нема индикации дека купувањето е завршено“.
Вашингтон, исто така, го обвини Иран дека и доставува беспилотни летала на Русија за употреба во војната во Украина, што Техеран го негираше.
Русија, исто така, ги отфрли обвинувањата и побара од САД да обезбедат докази.