Почнува 7. МФФ Киненова: На режисерката Илдико Ењеди ќе и биде врачена наградата за особен придонес во филмската уметност
Со доделување на наградата за особен придонес во филмската уметност на режисерката Илдико Ењеди и проекција на хрватскиот филм „Чичко“ во режија на Давид Капац и Андрија Мардешиќ, со Мики Манојловиќ и Горан Богдан во главните ролји вечерва во 20 часот почнува седмото издание на МФФ Киненова.
Илдико Ењеди е една од најоригиналните авторки на денешнината. Со својот прв долгометражен филм од 1989 година, „Мојот 20 век“ ја доби „Златната камера“ во Кан, во 2017 ја освои „Златната мечка“ во Берлин, а вечерва македонската публика ќе има можност да ја запознае одблиску оваа авторка.
Во нејзина чест, в недела (9 октомври) во киното „Милениум“ ќе биде прикажан филмот „Приказна на мојата сопруга“/ The Story of My Wife, а во понеделник напладне во ЕУ хаус, Ењеди ќе одржи мастерклас.
МФФ Киненова до 14 октомври ќе се одвива под слоганот „Првиот остава трага“ и во киното „Милениум“ и во Кинотека, љубителите на филмската уметност ќе уживаат во актуелните први и втори остварувања на новите режисерски имиња во седмата уметност, кои гледаат на светот со отворени и љубопитни очи, поставувајќи бројни прашања во своите филмови кои се релевантни и на овие простори.
Осум филмови се дел од официјалната компетиција за фестивалските награди, меѓу кои има и филмови од Романија, Полска, Србија, Италија, Турција и од Косово.
Во рамките на фестивалски содржини се „Режисерот во фокус“, австрискиот маг Михаел Ханеке, чии први три филмови го трасираа неговиот пат до европскиот и светски врв, потоа, изборот на филмови од актуелната португалска и ирска кинематографија, како и соработката со полскиот фестивал „Вистула“, кој на домашните кино платна ќе ни ја претстави тамошната актуелна кинематографија.