Раша тудеј: Не се исполни ветувањето на Бајден дека на Москва ќе и зададе „погубен удар“
Американскиот увоз од Русија во август достигна 522,1 милиони долари и е за 7,7 отсто поголем од јули кога изнесуваше 484,8 милиони долари.
Ова е прво месечно зголемување од април оваа година, се вели во извештајот објавен од американското биро за статистика.
Истовремено, извозот на американски стоки во Русија е намален за 19 отсто на 66,8 милиони долари во август од 82,5 милиони долари во јули, пренесува Раша тудеј (РТ).
Податоците покажуваат дека во периодот јануари-август 2022 година, САД увезле руска стока во вкупна вредност од 12,1 милијарди долари, а во Русија извезле производи во износ од само 1,3 милијарди долари, се додава во информацијата.
Рускиот портал наведува дека ова зголемување се случува и покрај ветувањето на американскиот претседател Џо Бајден дека на Москва ќе и зададе „погубен удар“ со ограничување на трговијата со стоки.
Според аналитичарите, Вашингтон профитира од антируските санкции, истакнувајќи дека додека врши притисок врз ЕУ да престане да испорачува стоки од Русија, САД во исто време продолжуваат да купуваат стотици несанкционирани видови руски производи, додава RT.