Свет

Британската мрежа предупредува за можни прекини во снабдувањето со струја

Британската компанија за електрична и гасна енергија „Национална грид“ денеска предупреди за можни „рестрикции“ со кои може да се соочи јавноста.

Може да се очекуваат „рестрикции“ помеѓу 4 и 7 попладне за време на „навистина, навистина студени“ денови во јануари и февруари, доколку Британија не успее да добие доволно гас од Европа, пренесува Teletrader.

Ова го изјави извршниот директор на компанијата Џон Петигру на Самитот за транзиција на енергијата организиран од „Фајненшл тајмс“.

„Во контекст на страшните работи што се случуваат во Украина и нејзините последици, треба да кажеме какви ризици постојат“, додаде тој.

Претходно, Националната мрежа посочи дека може да воведе периодични тричасовни прекини во снабдувањето на некои области во текот на зимата поради тековната енергетска криза во Европа.

На почеток