Македонија

МНР: Бугарија да го осуди и да се огради од изјавите на Џамбаски

Македонското Министерство за надворешни работи, преку својата Амбасада во Софија, упати вербална нота, со која изрази крајно незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и ко-претседател на политичката партија ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски.

„Џамбаски во повеќе наврати изразува иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија и упатува тешки навреди кон угледот на високи државни претставници на Република Северна Македонија. Упатувајќи закани и тешки навреди, повредувајќи го достоинството на Република Северна Македонија и нејзините граѓани, г-нот Џамбаски се однесува спротивно на заложбите и стремежите изразени во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји“, велат од МНР.

Министерството очекува државното раководство во Бугарија, Владата и тамошното Министерството за надворешни работи да го осуди и да се огради од изјавите на Џамбаски.

Истовремено, Министерството за надворешни работи соопшти дека би ги ценело евентуалните активности преземени од надлежните институции на Бугарија за преземање мерки за превенција на вакви и слични однесувања.

Џамбаски вчера застана пред карта на „Голема Бугарија“ и упати низа навреди за премиерот Ковачевски, како и пораки со кои ги негира македонскиот јазик, идентитет и нација.

„Ние Бугарите сме од оние што решаваат каде сте вие. Кои сте вие, решаваме ние, не вие Димитар или Белград. Вие не решавате ништо. Вакви какви што сте, ќе може да направите сојуз со Северна Кореја“, порача тој.

На почеток