Свет

Турција ќе продолжи да се ангажира во договор за извоз на жито од Украина, вели Ердоган

Турција ќе продолжи да се ангажира во договор за извоз на жито од Украина преку пристаништата на Црното Море, и покрај двоумењето на Русија околу договорот.

Ова го изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган рече дека Турција решително ќе ги продолжи активностите поврзани со договорот за постигнување на хуманитарната цел, иако Русија покажува колебање бидејќи ги нема истите придобивки од договорот, пренесе Ројтерс.

Турција прави напори да дојде жито од Украина во земјите каде што е евидентна заканата од глад, посочи Ердоган, наведувајќи дека од почетокот на примената на договорот за жито од 1 август, од Украина се извезени 9,3 милиони тони земјоделски производи, што влијаеше на намалувањето светската криза во снабдувањето со храна.

Надлежните тимови од Турција и ОН денеска ја продолжија инспекцијата на бродовите според договорот за транспорт на украинско жито од пристаништата на Црното Море, откако Русија го прекина учеството во договорот за време на викендот.

Русија објави дека го суспендира учеството во спроведувањето на договорот за жито, постигнат во јули годинава со Украина, со посредство на ОН и Турција, на неопределен период, бидејќи не може да ја гарантира безбедноста на цивилните бродови по нападот на руската црноморска флота во Севастопол.

На почеток