Володин: Невозможен договор додека коридорите се користат за напади
Претседателот на руската Државна дума, Вјачеслав Володин денеска изјави дека е невозможно обновувањето на договорот за извоз на жито од украинските пристаништа, додека, како што рече, безбедносниот коридор се користи за терористички напади.
„Користењето на безбедносниот коридор за терористички напади на бродовите на Црноморската флота е неприфатливо. Под тие услови не може да има договор за извоз на жито“, изјави Володин.
Русија во саботата објави дека го суспендира учеството во договорот за извоз на производи од украинските пристаништа по, како што тврди Москва, терористички напад од Украина врз бродови на Црноморската флота и цивилни бродови во водите кај Севастопол.
Володин на Телеграм напиша дека Русија и дала можност на украинската страна да извезува жито, кое требало да оди во земјите во Африка и Азија на кои им е најпотребно.
Тој го повтори тврдењето на Москва дека само 3-4 отсто од извезеното жито одело во тие земји, а најголем дел се извезувало во богатите земји на Европската унија, пренесува РИА Новости.
Володин оцени дека претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со своите постапки ги поништил сите договори постигнати со учество на Турција и ОН.