Спасувачка акција на Титов Врв: Планинар паднал од карпа во провалија, не се знае неговата состојба
На Титов Врв на Шар Планина во тек е спасувачка акција. Конкретно, по добиен повик за итен случај на 112 во ЦУК, во тек е спасувачка акција во координација на Центарот за управување со кризи (ЦУК) за извлекување на двајца планинари од кои едниот паднал од карпа во провалија и не се знае во каква состојба е во подножјето на Титов Врв на Шар Планина
„Во моментот кога информираме за настанот, во ЦУК добивме информација дека едно лице од планинарите е извлечено, а по другото лице во тек е спасувачката акција во која спасувачите од ангажираните институции вложуваат максимални напори заради ниските температури или евентуалните повреди на лицата за коишто немаме информација во која мера се повредени.
Конкретно, настанот пријавен на 112 се развива кога едниот од двата планинара прво пријавува дека на Титов врв, во реон 500 метри подолу, со неговиот другар оделе кон викендица и се изгубиле. На другарот му се слошило и бил во лоша здравствена состојба, па побарал помош бара итно да се реагира. Преку 112 во ЦУК е направен конференциски повик со Полицијата во Тетово (МВР – ЦИК Тетово)
Потоа, јавувачот на 112 повторно се јавил и известил дека неговиот пријател паднал од карпа во провалија и не знае каде и во каква состојба е, а исто така информирал дека и тој е повреден но е многу. Бил уплашен и збунет и не можел да информира за каква повреда станува збор.
Веднаш по добиената информација ЦУК преку Дежурниот оперативен центар РЦУК Тетово стапува во комуникација со Министерството за внатрешни работи – СВР Тетово и Полициска станица Попова Шапка со коишто по куса координација, со едно теренско возило на Центарот за управување со кризи со човек на ЦУК од Регионалниот центар за управување со кризи Тетово заедно со двајца полицајци од СВР Тетово се упатува кон Титов Врв на Попова Шапка. Во меѓувреме е стапено во комуникација и координација со Територијално противпожарната екипа на Тетово од каде што се упатени 4 пожарникари и специјализирано теренско возило на местото на настанот, за да помогнат. Истовремено, од ЦУК е координирано со Брзата помош од ЈЗУ Тетово и е упатено и медицинско возило со комплетна екипа лекар и медицински персонал да го превземат повредениот“, информираат од ЦУК