Македонија

Спасовски за Слободна ТВ: Јас лично чувствувам дека дигитализацијата на институцијата ќе придонесе многу повеќе и за подобрување на услугите кон граѓаните, меѓутоа и за намалување на тие коруптивни влијанија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за „Слободен печат“, Слободна Телевизија, во емисијата „НА КРАЈОТ ОД …“, одговараше на прашања за капацитетот на институциите, меѓутоа и на МВР, во однос на борбата против корупцијата, за тоа дали партиите имаат контролен механизам. Притоа, министерот Спасовски се согласи дека не е само една институција која треба да го води менаџментот во тој дел на безбедноста.

„И финансовата полиција и агенцијата за финасиско разузнавање, безбедносните служби, Јавното обвинителство, судството итн. Сега, ако зборуваме за тоа дали имаме напредок во јакнење на капацитетот на институциите сите овие години – да, имаме и тоа е евидентно, по многу сегменти. Меѓутоа, дали секаде, во секоја институција напредокот е доволно добар сега во овој момент – секако дека не е, и тоа се чувствува во делот на резултатите. Знаете, имате состојба во којашто перфектно ќе се заврши одредена истрага и некаде предметот ќе застане во Јавното обвинителство, во судството итн. Граѓаните ќе ја јакнат довербата ако го видат крајниот исход од целиот тој предмет. Инаку, бадијала ние можеме да зборуваме за икс личност која е во одредена постапка, ако на крајот нема реализација”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека одговорноста на партиите лежи во креирањето на законската клима, а не во изборот на лицата, бидејќи тоа е на некој друг начин направено.

Прашан за тоа кои се реформите кои посакува да се реализираат, министерот Спасовски даде осврт на направените реформи досега, како реформата во следење на комуникациите и на безбедносните служби, при што истакна:

„Многу е важно да ги определите приоритетите и да се почне со активности кои ќе ги отстранат негативностите. Се сеќавате дека Извештајот од Прибе во тој момент, основата ја имаше во делот на безбедноста, следењето на комуникации и безбедносните служби, тоа се реформи кои ние ги направивме исклучително добро, направивме ситем кој денеска функционира. Втората реформа, која е многу важна, јакнењето на внатрешната контрола на полицијата и интегритетот преку Одделот, воспоставување на надворешен механизам на контрола преку Одделението кај Народниот правобранител, воспоставување на посебно одделение во Јавното обвинителството за гонење организирал криминал и корупција од обвинители кои ќе се занимаваат со претставките кон полициските службеници, понатаму формирање на Национален координативен центар за борбата против организиран криминал, со седиште во МВР, формирање на посебен Оддел за водење на финансиски истраги. Ако земете дека до 2017 година само три финансиски истраги се воделе и конфискации на имот, повеќе од јасно е дека е тоа потребно. Бидејќи, сѐ е џабе ако вие тоа криминално стекнато им го оставите да функционираат со него и да прават ново богатство. Сега тој дел на финансиските истраги преку стратегии и сл. се зголемува”, истакна министерот Спасовски.

Запрашан поконкретно за внатрешната и надворешна контрола на припадниците на полицијата, за начинот на нејзино функционирање, казните, суспензиите…

„Клучната работа беше јакнење на интегритетот на самите полициски службеници кои работат во овој Оддел и јакнење на интегритетот, генерално, во полициската служба. Ако ви кажам дека повеќе од 300% е зголемен бројот на предметите или обемот на работа на Внатрешната контрола доволно кажува за тоа дека многу интензивно, практично на секоја една поплака од страна на граѓаните во делот на постапување на полициските службеници, се постапува со Внатрешна контрола. А резултатот кој е?! Од опомени, преку парични казни, сѐ до најстрогите казни кои предвидуваат отказ од работното место. Целта беше да немаме селективност кон постапувањето”, истакна министерот Спасовски.

Министерот Спасовски го истакна и фактот дека се зајакнаа многу капацитетите на сајбер безбедноста во институцијата.

„Горд сум многу на Одделот за информатика и телекомуникации за градбата на новиот ИКТ Центар во Прилеп за заштита на електронските податоци, меѓутоа и на промена на целиот електронски систем во МВР. Ние имавме информатички систем кој беше од време на бивша Југославија, од 80-тите години. Тој систем не можеше да разменува податоци и информации со други институции, да се олеснува процесот во делот на работењето со државата. Градењето на новиот Центар за форензика, подобрување на условите за работа на полициските служби, реконструиравме енергетско ефикасни 78 објекти, набавка на опрема, на униформи итн. Возилата по 50, 60 години стари во Единицата за поддршка и обука, позната како ПЕП, сега се заменети со нови функционални возила, со помали трошоци”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека помош има и од партнерските земји.

Одговарајќи на прашањето што е тоа што не е направено доволно, министерот Спасовски ја истакна дигитализацијата, како алатка против корупцијата.

„Јас лично чувствувам дека дигитализацијата на институцијата ќе придонесе многу повеќе и за подобрување на услугите кон граѓаните, меѓутоа и за намалување на тие коруптивни влијанија внатре во институциите и тоа е нешто што и сега практично го работиме”, подвлече министерот Спасовски, додавајќи дека сите институции имаат напредок, некаде повеќе, некаде помалку, но според него треба да се анализира и таму каде што е потребно да се направи промена.

На почеток