Свет

Макрон бара кинескиот лидер да интервенира кај Путин

Францускиот претседател Емануел Макрон побара од кинескиот лидер Си Џинпинг да интервенира кај неговиот руски колега Владимир Путин.

Макрон побарал од кинескиот лидер да го убеди Путин да се врати на преговарачката маса за да се спречи ескалација на војната во Украина, соопшти Елисејската палата.

„Претседателот на Франција бара од Кина да придонесе за испраќање пораки до претседателот Путин за да се избегне ескалација (на војната во Украина) со покана сериозно да се врати на преговарачката маса“, се додава во соопштението.

Макрон е во Индонезија, каде што во тек е самитот на лидерите на Групата 20 индустриски развиени земји и земји во развој (Г20).

Во разговорот со Макрон на маргините на Г-20, Си Џинпинг „даде поддршка за напорите за посредување во Европа“, особено францускиот претседател, и „многу силно го повтори своето противење за употребата на нуклеарно оружје“ од страна на Русите во Украина, додаваат од Елисејската Палата.

Францускиот претседател го повика својот кинески колега да ги здружи силите против војната во Украина, нагласувајќи дека „стабилноста“ во светот е и во интерес на Кина.

Макрон и Си разговараа и за билатералните односи, додека францускиот претседател планира да ја посети Кина на почетокот на 2023 година доколку тоа го дозволат здравствените услови поради корона вирусот.

На почеток