Свет

Русија ќе ја одложи отплатата на долгот кон својот главен сојузник за 10 години

Русија ќе и дозволи на Белорусија да ја одложи отплатата на долгот во вкупна вредност од 1,4 милијарди долари за 10 години.

Истовремено ќе утврдат и фиксни каматни стапки, се вели во предлог-законот што денеска го усвои Думата, долниот дом на рускиот парламент.

На почетокот на годината, Белорусија побара од Русија да ги реструктуира и рефинансира должничките обврски на Минск за 2022 година, а Москва ќе ги премести сите отплати и сервисирање на белоруските обврски кои доспеваат од март 2022 до април 2023 година во периодот од 2028 до 2033 година, рече Тимур Максимов, заменик-министер за финансии на Русија, пренесува Ројтерс.

Русија, исто така, ќе ја одреди каматната стапка на 12 отсто годишно наместо претходно користената променлива стапка врзана за приносите на руските државни обврзници ОФЗ деноминирани во рубли, додаде тој.

За овој предлог да стане закон, треба да помине трето читање, да биде одобрен од Горниот дом на Парламентот, а потоа да биде потпишан од претседателот Владимир Путин.

Белорусија е сојузник на Русија во „специјалната воена операција“ во Украина што Москва ја започна во февруари, додава Ројтерс.

На почеток