Свет

„Атеш“: Ја запаливме руската база

Украинското герилско движење „Атеш“, кое дејствува на Крим, денеска ја презеде одговорноста за палењето на руската воена база, пренесува „Украинска правда“.

„Базата на мобилизираната руска армија во селото Советске на украинскиот Крим гори. Нашите агенти работеа според очекувањата. На овој „проект“ работевме долго време и, се разбира, сè излезе како што треба. Ќе продолжиме да ја уништуваме руската армија одвнатре“, изјавија членовите на Атеш на Телеграм.

Тврдат дека има жртви во пожарот во базата и ветија дека ќе го објават бројот на жртвите. „Украинска правда“ наведува дека некои руски медиуми во саботата објавиле дека има пожар во селото Советске, а се зборувало и за загинати војници.

Украинскиот весник додава дека прорускиот канал „Кримски“ пишувал за двајцата загинати војници, повикувајќи се на извор од владата на Крим, а по пожарот биле преместени околу 200 војници. Тогаш беше наведено дека причина за пожарот е „невнимателно ракување“. Кримскиот ветерен канал, кој ја поддржува Украина, тврди дека мобилизираните резервисти живееле во касарната.

На почеток