Свет

Двајца починати од ковид во Кина по олабавувањето на мерките

Двајца граѓани на Пекинг починаа како последица на корона вирусот, соопшти денеска Народната здравствена комисија на Кина.

Ова се први смртни случаи од корона во Кина по неколку недели, а се стравува дека земјата ќе се соочи со зголемување на бројот на заразени и починати откако кинеските власти ја отфрлија строгата политика на нулта толеранција за Ковид на крајот на ноември, според АП.

Според официјалните податоци, во Кина за три години од почетокот на епидемијата на корона вирусот починале 5.237 лица, а вкупниот број на заразени е 380.453.

Методологијата на прибирање на овие податоци предизвикува сомнеж и се претпоставува дека тие две бројки се значително повисоки.

Кина почна да ја олабавува својата строга политика за нулта ковид и заклучување кон крајот на ноември, под притисок на уличните протести во Пекинг и некои други кинески градови, забележува американската агенција.

Здравствените експерти се согласуваат во нивните проценки дека Кина ќе очекува бран нови инфекции и смртни случаи од корона вирусот во наредните месеци, пред се кај постарата популација.

На почеток