Свет

Денеска ќе биде погребан поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти

Десетици илјади верници и достоинственици се очекува да присуствуват денеска во Ватикан на погребот на упокоениот папа Бенедикт Шеснаесетти.

Церемонијата ќе ја води актуелниот папа Франциск.

Според најавите, самата церемонијата ќе биде свечена, но скромна, како што би сакал Бенедикт Шеснаесетти. Најавено е присуство на голем број државници, шефови на држави, премиери, министри. Италија ќе биде претставена од претседателот Серџо Матарела, Германија од претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и канцеларот Олаф Шолц, а Франција од министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен. На церемонијата ќе присуствуваат и кралот на Белгија – Филип, претседателите на Полска и на Того, поранешната шпанска кралица Софија. На погребот ќе присуствува и Делегација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија МПЦ – ОА. Делегацијата, како што информираа од МПЦ-ОА за МИА, е составена од митрополитот Тетовско-гостиварски епископот Јосиф и од професорот на Богословскиот факултет, ѓакон Стефан Гоговски.

Префектурата Рим очекува денеска во Ватикан да дојдат сто илјади луѓе. Во трите дена колку што беа изложени посмртните останки, од поранешниот папа се простија околу 200 илјади верници.

Церемонијата на погребот ќе започне во 8:50 часот по локално време. Ковчегот со смртните останки на Бенедикт Шеснаесетти ќе биде изнесен на плоштадот „Свети Петар“, каде ќе се служи миса на која ќе учествуваат повеќе од четири илјади кардинали, бискупи и свештеници. Литургијата ќе биде отслужена според латински ритуал, но на повеќе јазици.

Според традицијата, Бенедикт Шеснаесетти ќе биде погребан во три ковчези. Неговото тело е положено во ковчег од дрво од чемпрес, во кој има монети исковани за време на неговото папство, потоа неговиот палиум (литургиска облека) и метален цилиндар со текст со детали за годините кога тој беше на чело на Римокатоличката црква. Тој ковчег од чемпрес потоа ќе биде ставен во поголем ковчег од цинк, кој пак ќе биде сместен во уште поголем дрвен ковчег.

Бенедикт Шеснаесетти ќе биде погребан во криптата на базиликата „Свети Петар” на местото каде некогаш бил погребан папата Јован Павле Втори. Тоа место беше испразнето откако посмртните останки на Јован Павле Втори беа преместени во капелата во базиликата.

За обредот папите да се погребуваат во три ковчези, теологот Бери Етериџ од Универзитетот во Кент вели дека првиот ковчег од чемпрес симболизира дека папата е обичен смртник, како и сите други. Вториот ковчег, кој обично е или цинк или олово, симболизира долготрајност. На него е поставен едноставен крст и плоча со името на папата и времетраењето на неговиот понтификат. Третиот дрвен ковчег обично се прави или од костен или од брест и го симболизира папското достоинство. Окован е со шајки и клинови од чисто злато.

Предвидено е погребот да го следат повеќе од илјада новинари од 30 земји. За безбедноста се мобилизирани илјада полицајци, на кои ќе им помагаат волонтери од италијанската цивилна одбрана.

Во Германија епископската конференција ги повика црквите во земјата да ѕвонат во 10 часот по Гринич во спомен на Џозеф Рацингер (како што беше световното име на папата Бенедикт XVI). Денеска знамињата во Италија се на половина копје, а во Португалија е прогласен ден на национална жалост.

На почеток