Свет

Поплави во Западна Австралија, прогласена вонредна состојба

Австралискиот премиер Ентони Албанес рече дека неговата влада е подготвена да обезбеди каква било помош што им е потребна на жителите на државата Западна Австралија по големите поплави таму.

Тропскиот циклон „Ели“ донесе силен дожд во западниот дел на континентот, покривајќи површина речиси три пати поголема од Обединетото Кралство. Меѓу најтешко погодените локации е Фицрој, мало гратче со 1.300 жители, каде што потребните залихи беа доставени со хеликоптери, со оглед на тоа што беше отсечен од другите градови во регионот поради поплавите.

Владата предводена од лабуристите „конструктивно работи“ со властите во Западна Австралија за да ги поправи штетите во ретко населениот регион, рече премиерот Албанес.

„Овие поплави имаат разурнувачки ефект врз многу од заедниците што живеат овде и тешко ќе се справат со ова, а нема доволно ресурси“, им рече премиерот на новинарите во Џилонг, Викторија. „Мојата влада стои на располагање, таа е подготвена да обезбеди каква било помош што е потребна“, додаде тој.

Според информациите од државните служби на Западна Австралија, Националните одбранбени сили им помагаат на жителите погодени од поплавите и користат хеликоптери за да ги однесат на побезбедни места. Австралиското биро за метеорологија извести дека континентот повеќе не е под закана од тешки временски услови, но „ќе продолжи да ја следи ситуацијата и да издава дополнителни предупредувања доколку е потребно“.

Вонредната состојба во северозападниот дел на земјата доаѓа по честите поплави во источна Австралија во последните две години. Некои региони претрпеа четири големи кризи со поплави од минатата година, предизвикани од обилни врнежи.

На почеток